Собранието ги избра новите министри и заменици од ДУИ
Владата од денеска повторно во полн состав. Собранието ги изгласа новите министри и заменици предложени од ДУИ. За опозицијата, констатиран неуспехот на претходниците, за ДУИ- политички успех на млади луѓе...

Со мнозинство гласови, Собранието ги избра новите 8-мина министри и 4-ца заменици предложени од Демократската унија за интеграција. Во образложението, премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев рече дека поради кусиот период, целисходно е да се прифатат предложените министри. Им посака добра соработка со сите институции.
„Очекувам и убеден сум дека граѓаните на Република Македонија, на фер, слободни и кредибилни избори ќе одлучат за новиот состав на владата која ќе продолжи со спроведување на реални проекти кои се во интерес на народот“, нагласи премиерот Димитриев.
Според ДПА, ДУИ со новите министри само го констатира неуспехот на претходните. Интегративците одговорија дека станува збор за политички успех на млади луѓе.
„Ништо нема да се смени, но за жал, сметката секојдневно ја плаќаат албанците. Констатацијата е дека лошите бегаат, но злото останува“, рече Имер Алиу од ДПА.
„Денес покажуваме дека имаа храброст, имаме знаење и што е најзначајно имаме кадри“, истакна Ермира Мехмети од ДУИ.
Социјал- демократите, кои гласаа против предлозите, рекоа дека партијата на Ахмети само декларативно се залага за просперитет на државата. ВМРО-ДПМНЕ пак со став дека СДСМ ја создадоа политичката тензија и побараа од опозицијата да се огради од аудио снимките со приватни разговори кои се објавуваат во последно време.
„Важни се и декларативни овие кадри за кои не знаеме, и не сакам да употребам лична квалификација против нив, со каква спремност можат да одговорат на високите државни позиции. Не се ова партиски позиции на подмладокот на ДУИ за да ги именуваме“, рече Петре Шилегов од СДСМ.
„Бараа избори, ги добија, па бараа одлагање. Сега повторно во овие шест недели ги направија сите можни комбинации за избодите повторно да се одложат, затоа што знаат што мисли народот и за нив и за Верушевски и за Чауш и за останатите“, рече Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателството на ДУИ во четвртокот одлучи сите нивни министри и заменици да поднесат неотповиклива оставка со образложение дека процесот за излез од политичката криза е компромитиран со понатамошната дистрибуција и објавувањето на нелегално прислушуваните материјали, кои, според патијата, се во рацете на криминалци.
Миле Ристески
