Панама: Правосудтвото отвора криминална истрага за даночното затајување
Од канцеларијата на Државното обвинителство најавија дека ќе се испитуваат наводите на медиумите според кои еминентни политичари, бизнисмени и славни личности ги злоупотребувале тајните даночни режими.

Правосудството на Панама отвора истрага за да ги испита наводите за даночно затајување и перење пари кои се дел од објавените документи. Од канцеларијата на Државното обвинителство најавија дека ќе се испитуваат наводите на медиумите според кои еминентни политичари, бизнисмени и славни личности ги злоупотребувале тајните даночни режими. Неколку земји меѓу кои Франција, Австралија, Нов Зеланд, Австрија, Шведска и Холандија почнаа истрага врз основа на објавените документи, а пак други најавија дека наскоро ќе отворат истрага за содржината на податоците. Претседателот на Панама, Хуан Карлос Варела ја потврди посветеноста на земјата за даночна транспарентност.
„Ние сме сојузници со сите земји кои се борат за транспарентен финансиски систем. Не само во оваа земја, туку во секоја земја во светот“, изјави хуан Карлос Варела, претседател на Панама.
Британската влада на премиерот Дејвид Камерон е под силен притисок од опозицијата да ја блокира можноста, богатите даночни обврзници да ги користат прекуморските територии и кралски колонии за намалување на нивните даночни сметки. Според документите, сопругата на Комесарот за енергетика и климатски промени во Европската Комисија, Мигел Ариас Кањете е меѓу имињата објавени во панамските документи.
„Според информациите од Комесарот, компанијата на неговата сопруга била неактивна неколку години, долго пред тој да стапи на функција“, изјави Маргаритис Схинас, портпарол на Европската Комисија.
Германското Министерство за правда, пак, планира да предложи национален регистер за транспарентност во кој ќе се открие идентитетот на сопствениците на „оф шор“ компаниите. Министерот за финансии Шојбле рече дека протекувањето во јавноста на луѓе кои што имале свои тајни сметки и компании во Панама ќе го зголеми притисокот против оние што вршат даночна евазија.
Марина Автовска
