Даниелсон: Кредиблни избори се клучен елемент за враќање на евроатланскиот пат
„Партиите и државните институции да работат заедно за одржување кредибилни избори и да земат учество во изборниот процес. Веродостоен изборен процес е клучен елемент за да се вратите на евроатлантскиот пат“ - порача првиот човек на Директоратот за проширување на Европската Унија, Кристијан Даниелсон денеска во Скопје. Побара поддршка за работата на Државната изборна комисија и балансирано известување од медиумите.

„Одложувањето на изборите даде уште малку време за напредок при подготовката на изборите, но, има уште многу работа. Им порачав на партиите и на државните институции да вложат напор за одржување кредибилни избори и да земат учество во изборниот процес“ - изјави првиот човек на Директоратот за проширување на Европската Унија, Кристијан Даниелсон, по средбата со претставници нa четирите најголеми партии во Скопје.
„Ги охрабрувам сите чинители и државни институции да ја поддржат работата на ДИК во прочистувањето на избирачкиот список. Тоа ќе придонесе за враќањето на довербата на граѓаните. Медиумите, особено националните телевизии имаат исто така клучна улога со цел граѓаните да донесат одлука заснована на информации на денот на изборите. За таа цел потребно им е да имаат пристап до балансирано известување и различни мислења. Затоа ги поканувам сите кои ја потпишаа повелбата на Советот за етика во новинарството да ја почитуваат и спроведат. Забележани се првични сигнали за самокритичност, односно за балансирано известување и тоа треба да се следи“, изјави Даниелсон.
Според него, кредиблни избори се клучен елемент за враќањето на евроатланскиот пат.
„Изборите се само еден дел од приказната. Комисијата инсистира политичкиот дијалог и идните приоритетни реформи кои го вклучуваат систематското владеење на правото, треба да се спроведат пред, за време и по изборите. Политичките лидери имаат одговорност да ги преземат потребните мерки со цел да ја вратат земјата назад на евроатлатнскиот пат. Тоа е во интерес на земјата, на граѓаните и ЕК останува посветена да ја поддржи земјата во имплементацијата на реформите за враќање на патот кон ЕУ“, нагласи Даниелсон.
Даниелсон вели дека Специјалното јавно обвинителство е значаен елемент на политичкиот договор и побара воздржаност од напади кон него. Според него, загрижувачко е и што сѐ уште имало пријави за заплашување гласачи и им порача на партиите да ги превенираат таквите случувања.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи по средбата со високиот европски претставник изјави дека треба да се исполнат сите услови за изборите да бидат фер и демократски.
Во псименото соопштение, од ДУИ велат дека Ахмети на средбата со Даниелсон истакнал дека ДИК треба да ја заврши својата работа навреме и ја нагласил важноста од продолжувањето на интегративниот процес веднаш по изборите на 5-ти јуни.
Игор Панов
