Карате

Прогласени најдобрите каратисти за 2013

26.01.2014 11:52

Карате федерацијата на Македонија...

Карате федерацијата на Македонија ги додели признанијата за најдобрите каратисти во изминатата година. На завршната свеченост, беа присустни претставници на клубовите од цела Македонија, кои во текот на денот беа делегати на годишното Собрание на КФМ.

Претседателот на федерацијата, Драган Стојановски, истакна дека каратето имаше уште една квалитетна година, која според многу параметри, беше најкомпактна во последните неколку години, со многу настани и настапи, исполнети со успешни резултати и медали, како на спортски, така и на организациски план.

’’ Тоа резултира и со шесте номинации на традиционалниот Избор на спортист на годината, во кои што каратето беше доминантен спорт, заедно со ракометот. Плус и најновата ранг листа на Светската карате федерација (WKF), на која Македонија котира на 20 – та позиција, во конкуренција на 190 земји во светот. Сето тоа претставува обврска, и во иднина да имаме највисоки цели на европските и на светските шампионати, а како круна на се е, Македонија да добие светски сениорски шампион, што со оглед на потенцијалот со кој располагаме, ветуваме дека ќе се оствари во следните неколку години’’– изјави Стојановски.  

За најдобар каратист во 2013 е избран Берат Јакупи, кој на Европското првенство во Будимпешта го освои бронзениот медал, и беше дел од тимот во борби, кој се пласира на 7 – та -позиција. Во неговата најуспешна година во кариерата, тој стана и европски шампион во конкуренција на постари јуниори на ЕП во Коња, Турција, а исто така, во истата возрасна категорија го освои и бронзениот медал на СП во Гвадалахара, со што на најновата ранг листа на ВКФ е на првото место во светот, па беше прогласен за најдобар и кај постарите јуниори (до 21 година). Во категоријата јуниори, признанието го доби Виктор Крстевски, член на КК Металург, кој на ЕП во Коња освои бронзен медал. Неговиот клупски колега Адил Мехмет, е најдобар во кадетска конкуренција, по освоениот сребрен медал на Медитеранското првенство во Никозија.

Во женска конкуренција, најдобра сениорка е Марија Матракоска, членка на КК Ронин од Прилеп, која беше дел од женскиот ката тим, освојувач на 5 место на ЕП во Будимпешта, а истата каратистка е и најдобра кај постарите јуниорки, која освои бронзени медали на Балканското првенство и во кати, и во борби. Маријана Димоска, исто така членка на КК Ронин, е најдобра јуниорка, која беше 5 – та екипно во кати на ЕП во Коња и 5 – та на СП во Гвадалахара екипно, и прва на К1 светската ранг листа на ВКФ. Кај кадетките на најдобра каратистка во мнатата година е избрана Моника Пендаровска, членка на КК Макпетрол, која на ЕП во Коња го освои бронзениот медал.

За најдобар тренер е прогласен Арлинд Усеини, чиј клуб КК Фати од Гостивар е добитник на признанието во екипна конкуренција. На свеченоста, претседателот на КФМ, Драган Стојановски им додели признанија на истакнати личности, за нивниот придонес во развојот на карате спортот во Република Македонија, и тоа на претседателот на Европската судиска комисија, Примож Дебенак, на претседателот на Одборот за наградата ’’8 – ми септември’’, Зоран Радиќ, на претседателот на Советот за спорт при Агенцијата за млади и спорт, Зоран Шишковски, на генералниот секретат на МОК, Сашо Поповски, на директорот на МОК, Владимир Богоевски, и на деканот на Факултетот за физичка култура, Вуица Живковиќ.