Иванов: Тероризмот и екстремизмот создадоа нова реалност во Европа
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на 19-тиот Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара во Истанбул...

„Како што ќе се зголемува бројот на бегалците, така подготвеноста на Европската Унија да ги прифаќа и интегрира, ќе се намалува. Мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите“- порача претседателот Иванов, во обраќањето на Евроазискиот економски самит во Истанбул.
Тој истакна дека колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците и додаде дека според одредени статистики трговијата со луѓе станува попрофитабилна од трговијата со наркотици.
„Она што дополнително загрижува е што истите канали ги користат и поединците со затворени умови кои со насилни терористички акти сеат насилство. Неодамна, покрај Париз, Брисел, Анкара и Истанбул се најде на ударот на тероризмот и насилниот екстремизам, кои создадоа нова реалност во Европа“, нагласи македонскиот претседател.
Шефот на македонската држава потенцира дека во вакви турбулентни времиња, во кои се повеќе владее стравот и неизвесноста, неопходни се мудри решенија за овие горливи предизвици.
Претседателот Иванов е во дводневна работна посета на Турција.
