Кошарка, АБА Лига, 18.коло

Цибона - кошаркарски владетел на Загреб

26.01.2014 11:54

Кошаркарите на Цибона ...

Кошаркарите на Цибона ја задржаа превласта во однос на Цедевита, откако синоќа го добија и второто градско дерби сезонава во рамките на АБА Лигата. На туѓ паркет во „Домот на спортовите“ триумфираа со 85-67 (23-10, 17-21, 22-24 и 23-12), приредувајќи им четврта радост едноподруго на своите навивачи во дуелите од регионалната конкуренција. Со тоа истакнаа сериозна кандидатура за пласман на завршниот турнир на четирите најдобри екипи сезонава во лигата. Имаат биланс 12-6, а Цедевита има само една победа повеќе од нив со ефект 13-5.

Славен Римац славеше во првото тренерско соочување со неговиот поранешен учител Јасмин Репеша. Победничкиот пат на Цибона и го трасираше Џерел Блесингејм, кој постигна 24 поени (со шест тројки) и имаше дури десет асистенции. Иван Сиришчевиќ додаде 16, а Дарио Шариќ придонесе со 13 коша. Кај Цедевита најдобар поединец беше Нолан Смит со 22 поени, а Иван Рамљак уфрли 10.

Во преостанатите саботни средби од 18.коло во АБА - лидерот Црвена Звезда потешко од очекувањата славеше на гостувањето кај Солнок со 77-72, Будуќност го одржа чекорот со конкурентите за место коешто ќе води на „фајнал фор“ турнирот со триумфот над Широки од 85-68, Игокеа ја совлада Крка со 83-74, Олимпија го декласираше Раднички Крагуевац со 85-56, а Мега Визура во дербито на екипите од долниот дел на табелата беше поуспешна од Задар со 91-75.

Оваа рунда во реионалната конкуренција ќе заврши в понеделник со гостувањето на нашиот првак МЗТ Скопје Аеродром кај освојувачот на АБА Партизан. Преносот од белградски „Пионир“ ќе биде МРТ Собранискиот серви од 20.30 часот.