Параноја во Грција од темата за македонското малцинство и децата бегалци

06.04.2016 14:45

Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, во писмо упатено до претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, група грчки европратеници го изразија своето незадоволство поради проекцијата на филмот за како што велат „непризнаено малцинство“ во Грција...

Денешната проекција на филмот „Македонец“ во Европскиот парламент, преку кој се раскажува приказната за голготата на децата бегалци од граѓанската војна во Грција, за грчките политичари претставува нова провокација од Македонија, продолжување со наводните територијални претензии и злоупотреба на грчката историја. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, во писмо упатено до претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, група грчки европратеници го изразија своето незадоволство поради проекцијата на филмот за како што велат „непризнаено малцинство“ во Грција.

Ова е филм кој што претставува уште една алка во синџирот на провокации на Скопје насочени против Грција, со оглед на тоа што во него се зборува за наводно Македонско малцинство во Грција, а го доведува во прашање очигледниот и вистински грчки карактер на регионот, се вели во писмото на четворица европратеници од редовите на опозициската Нова Демократија.

Проекцијата на филмот е во организација на Европската слободна алијанса од Брисел чиј член е и партијата на Македонците во Грција „Виножито“, во соработка со европратениците Марија Терикабрас и Марек Плура од Европската народна партија.

Ова е трагичната приказна за македонските деца бегалци кои што избегаа од Грција за време на граѓанската војна од 1946 до 1949 и беа распрскани низ неколку држави од поранешниот Источен блок. Околу 35.000 деца ја напуштија Грција. На овие деца им беше дозволено да се вратат во своите родни места само ако се изјаснат дека се Грци, нешто што повеќето од нив одбија да го сторат, со што останаа во постојан егзил, се вели во соопштението на Европската слободна алијанса.

Од таму информираат дека по проекцијата на филмот следува дебата на која што освен нивен претставник, учествуваат и претставници на Виножито, како и режисерот на филмот Петро Алексовски.

Од Европската слободна алијанса велат дека оваа дискриминација во Грција мора веднаш да запре.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ