Нема Зика во Македонија

06.04.2016 14:53

Нема Зика во Македонија- ова го покажаа резултатите од испитувањата, направени во лабораторијата во Хамбург. Наодите од крвта на единствениот сомнителен случај, бебето од Дојран, се негативни. Институтот за јавно здравје ја потврди информацијата од германската лабораторија...

Тримесечното бебе од Дојран не е заразено од Зика вирусот- покажале резултатите кои беа пратени на испитување во лабораторија во Германија. Претходно анализите направени во земјава покажаа дека бебето нема ниту Денга или друго инфективно заболување.

„Сите анализи кои беа направени во нашата лабораторија исклучија инфективен причинител. Примероците од пациентите се испратени во референтна лабораторија на СЗО за да се потврдат нашите анализи, истите се потврдени како негативни, вклучувајќи и анализи за зика вирусна инфекција“, изјави д-р Голубинка Бошевска, Институт за јавно здравје. 

Меѓу епидемиолозите немало сомнеж за можен Зика резултат, бидејќи во ниту една европска земја ги нема комарците кои го пренесуваат овој вирус. Анализи морале да се направат поради актуелната состојба и препораките да се провери секој сомнителен случај.

„Во моментов во Европа не постои ниту една земја каде што имаме активна трансмисија, односно активно пренесување на вирусот на територијата. Сите случаи, а тоа се  повеќе од 300 во Европа се внесени, односно импотрирани од земја каде што е воспоставена таа трансмисија“, вели д-р Гордана Кузмановска, Институт за јавно здравје.

Дека не станува збор за Денга или Зика вирус потврдија и од Детската Клиника, но која е причината за микроцефалијата, со натамошни анализи треба да утврди тимот од одделението Неврологија. Во соопштението на Клиниката пишува дека причина за микроцефалијата можат да бидат вируси кои мајката ги имала во првите месеци од бременоста, кога се формираат органите кај плодот.

 

Андријана Атанасовска