Самовработување: Обезбедени средства за 420 нови бизниси

06.04.2016 15:17

Нов оглас за грантови за самовработување. 200 илјади денари ќе добие невработен што ќе почне сопствен бизнис. Обезбедени се средства за 420 мали бизниси. Вкупниот фонд изнесува 85 милиони денари...

200.000 денари грант за основање сопствен бизнис ќе добијат невработените кои од денеска до 30 април ќе аплицираат во центрите за вработување. Со оваа мерка се обезбедени 85 милиони денари со кои треба да бидат основани 420 мали бизниси.

„Вкупно досега се регистрирани 7.720 мали приватни компании кои опстојуваат и преку кои се вработени над 7.900 лица“, изјави заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Дополнителни 2.000 евра неповратни средства ќе добијат кандидатите чиишто бизниси ќе бидат оценети како иновативни, економско и финансиски одржливи.

„Прогласувањето на овој тип бизниси ќе биде во септември по завршување на втората фаза, со тоа што тогаш ќе бидат доделени дополнителните 2.000 евра“, нагласи Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Според надлежните, нема да се доделуваат грантови за основање бизниси од земјоделска дејност, лов, трговија на големо и дистрибуција, трговија и дистрибуција на оружје, финансиски и осигурителни бизниси и активности кои вклучуваат игри на среќа, бизнии од областа на транспортот, такси превозот и бизниси поврзани со недвижности и конуслтантски услуги. Сите други дејности се предмет на грантот.

Наташа Јанчиќ