Непристрасно известување за изборите

06.04.2016 15:53

Професионално, избалансирано и непристрасно известување на медиумите за изборите- клучен предуслов за фер и кредибилни избори, оценка на британскиот амбасадор Гарет. Не само на МРТ, туку и на сите радиодифузери е обврска да се почитува етичкиот кодекс, заклучок од дебатата за улогата на медиумите во изборите...

Целосно, балансирано и непристрасно известување на медиумите е клучно за да има веродостојни, фер и праведни избори. Ние го идентификувавме тоа како приоритет и како цел што е важна за да ја поддржиме Македонија во билатералната соработка, вели британскиот амбасадор Гарет. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Соумалајнен нагласи дека од медиумите се очекува да ги покриваат изборите на правичен, урамнотежен и на непристрасен начин.

„Остануваат доста обврски и работа да се завршат за претстојните  избори, а има уште 60 дена, но јас сум уверен дека доколку сите лица и институциите ја вршат својата работа, можно е да има веродостојни избори кои ќе се одржат на 5-ти јуни“, изјави амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарс Гарет.   

„Професионалните медиуми не смеат да вршат фаворизирање на некого. Со тоа може да се обезбеди поле на натпревар во кое граѓаните ќе можат слободно да изберат“, вели Нина Соумалајнен- шеф на мисијата на ОБСЕ.

Освен МРТ, многу е важно и преостанатите радиодифузери да ги применуваат принципите за балансирано и непристрасно информирање за време на изборите, беше речено на дебатата „Професионалното известување на медиумите-предуслов за слободни и фер избори“.

„За време на изборите што следат ако некој медиум известува избалансирано, сигурно нема да биде казнет и ниту еден медиум во Македонија во изминатите изборни циклуси од кога е формиран Советот не бил намерно казнет, затоа што така сакал Советот“, вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.

„Зарем не е време да се создаде една нова перцепција за новинарството во која на сите актери во предизборната битка им е сосема јасно дека улогата на новинарот е да известува, пишува и објаснува, во согласност со највисоките стандарди на професијата“, изјави Марина Тунева, директор на Советот за етика.

МРТ секогаш се залага за стандарди во известувањето, а паралелно се води сметка и за подобрување на условите за работа во јавниот сервис, рече одговорниот уредник на првиот програмски сервис на МТВ, Диме Ратајкоски. Доказ за тоа се и усвоените правилник и етички принципи за начинот за известување од изборите.

„Не треба да се има илузија дека овој документ ќе ни ги реши сите дилеми со кои се соочува уредничкиот тим на МРТ и се разбира новинарите во информативната програма, меѓутоа како одговорен уредник морам да нагласам дека токму овој правилник е еден вид добра отскочна даска за понатаму како до професионално известување. Јас сум многу среќен и ќе бидам уште посреќен ако и по завршувањето на изборниот процес ваквиот тренд на информирање и известување, не само за јавниот сервис, туку и за сите останати медиуми во Република Македонија продолжи“, нагласи Диме Ратајкоски, одговорен уредник на прв програмски сервис на МТВ.

Низ неколку дебати е заокружен процесот за примена на етичките и професионалните стандарди од медиумите за време на известувањето во текот на претстојниот изборен процес. 

 

Милчо Велески