Египет: 50 загинати во изминатото деноноќие
Најмалку 49 лица погинаа во последните 24 часа...

Најмалку 49 лица погинаа во последните 24 часа од почетокот на уличните протести што вчера избија во Каиро во текот на одбележувањето на тригодишнината од соборувањето од власта на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, соопшти денеска египетското Министерство за здравство.
Во соопштението се наведува дека истовремено се ранети 247 лица, додека Министерствто за внатрешни работи објави дека во текот на протестите полицијата уапсила 1.079 лица, пренесоа француските медиуми.
Судирите избија меѓу демонстрантите кои го поддржуваат соборениот исламистички претседател Мохамед Морси и оние кои ја поддржуваат војската, која Морси во јули минатата година го собори од власта, по само една година на чело на државата.
Потоа египетските безбедносни сили покренаа остри мерки против движењето на Морси „Муслиманско братство“, па беа уапсени илјадници исламисти, вклучувајќи го и речиси целото раководство на ова движење, а во судирите до сега загинаа повеќе од 1.000 лица.
