Потпишан договорот со „Минстрој“, 1.000 рудари од Злетово и Тораница се враќаат на работа
1.000 рудари од Злетово и Тораница се враќаат на работа, потпишан договорот за концесија на рудниците. Од новиот инвеститор „Минстрој“ велат дека ќе вложат во современа опрема. Идниот месец се очекува и првиот вагон со руда од Злетово...

Бугарскиот „Минстрој холдинг“ и официјално ја доби концесијата за ископување оловоцинкова руда во Злетово и Тораница. Првите вагони руда ќе излезат од Злетово во мај, а набрзо потоа ќе се реактивира и Тораница. Концесионерот ќе ги исплати сите неисплатени плати и ќе вложи дополнителни 10 милиони евра во нова опрема. Во државната и во општинските каси влегуваат 2 милиона евра концесиски надоместок
„За граѓаните е важно што новиот инвеститор најави дека ќе ги врати на работа сите 1000 вработени во двата рудника. А воедно дека дополнително ќе инвестира во нова и современа опрема со која двата рудника ќе работат успешно и профитабилно“, изјави премиерот Емил Димитриев.
„Се рестартира производството во рудниците, се раздвижува индустријата за минерални суровини и руди, се подобрува регионалниот економски развој, се креираат дополнителни работни места и бизнис активностите во компаниите кои соработуваат со рудниците и со тоа се влијае на намалување на енвработеноста и на зголемување на индустрискиот раст во РМ кој во 2016-та бележи двоцифрени стапки на пораст“, нагласи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
„Минстрој холдинг“ има 2.500 вработени и стопанисува со 6 најголеми бугарски рудници. Има големо меѓународно искуство, а досега изградила 150 рудници во повеќе земји. Вети инвестиции и двојно поголеми плати за рударите во Злетово и Тораница.
„Јас ќе им платам веднаш се што треба да добијат, ќе ги вратам на работа уште во месец април, а во месец мај ќе почнеме со работењето и ќе ја имаме првата руда. Имам претстава што треба да се направи, каква техника и опрема треба да се купи и повторувам дека ќе реализирам 10 милиони евра инвестиции“, изјави Николај Валканов, сопственик на „Минстрој холдинг“- Бугарија.
Второстепената комисија вчера ги одбила жалбите на двете компании кои беа елиминирани пред јавното електронско наддавање. Едната имала пренесувано загуби од година на година, додека другата немала ревидиран финансиски извештај туку самата го подготвила, појасни заменик - министерот за економија Делев.
Свето Николовски
