ДИК

Усвоен извештајот за проверка на избирачкиот список

06.04.2016 16:55

По неколку часовна дискусија, Државната изборна комисија го усвои извештајот за проверките на избирачкиот список. Дел од членовите со став - има време за пречистување, дел оценија - тоа е невозможно. Вечерва на полноќ треба да стапи во сила одлуката за распуштање на Собранието...

1.129 починати избирачи треба да се избришат од гласачкиот список. Ова е единствената фиксна бројка со која излезе ДИК по вкрстените теренски и административни проверки. Се чека одговор од институциите за дополнителните проверки коишто не се завршени.

„Еден граѓанин да има сомнителен, еве овој за кој се сомневаме дека има дупли матичен број,ако институциите не соработуваат до крај, јас сакам да кажам на целата јавност дека два пати ќе размислам дали ќе го прочистам избирачкиот список“, изјави Александар Чичаковски, претседател на ДИК.

Силвана Бонева оценува дека со исклучок на неколку ситни прашања на кои треба да се даде одговор, Македонија има чист избирачки список и е подготвена за избори на 5 јуни.

„Ќе имаме чист избирачки список на кој што ќе можеме да бидеме горди како земја, бидејќи ниту една друга земја нема направено ваков избирачки список врз основа на вакви сеопфатни проверки, од сите бази на податоци, во сите институции“, вели Силвана Бонева, член на ДИК.

„За мене со сите овие активности се потврдува избирачкиот список од 2013-та година“, изјави Бедредин Ибраимичлен на ДИК.

Во извештајот пишува дека се чека обработка на повеќе од 10 илјади анкетни прашалници. Поради ова Милев смета дека теренската проверка не ја погодила целта и дека Комисијата е заглавена на старот од чистењето на избирачкиот список.

„6-ти април е, теренската проверка некаде уште не е довршена, односно чекаме да се јават некои граѓани кои биле подложни на теренската проверка, да се јават трет ден. Не се обработени сите податоци, а претстои анализа од ДИК од таа теренска проверка“, вели Игор Милевчлен на ДИК.

Од МВР ја известиле Комисијата дека се проверени само 41% од барањата кои се однесуваат на личните карти и само 12,4% од барањата за пасошите.

За 3.372 избирачи за кои постои сомневање дека се на привремена работа во странство не постои евиденција, па затоа ДИК дополнително ќе бара податоци од МВР.

 

Анита Димитријевска