Столтенберг: Без решение на името, нема членство во НАТО

07.04.2016 10:14

Сѐ додека не се реши прашањето со името, нема начин да го решиме прашањето за членството на Македонија, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Вашингтон. Најави дека претстојниот самит на Алијансата во Варшава нема да расправа за проширувањето, туку за безбедносните закани во Европа...

Борбата против насилниот екстремизам и безбедноста на Европа, ќе бидат главни теми на престојниот самит на НАТО во Варшава, најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во Вашингтон. Запрашан кога Македонија ќе добие покана за полноправно членство, првиот човек на НАТО одговори:

„Поранешна Југословенска Република Македонија. Причината поради која вака го кажувам ова, знаете вие и јас знам, проблемот  постои уште од самитот на НАТО во Букурешт. Јас бев таму како премиер на Норвешка. Проблемот беше што немавме согласност за прашањето за името. Се додека тоа прашање е нерешено, нема начин да го решиме прашањето за членство“, изјави Столтенберг.

НАТО мора да постои и е неопходен за безбедноста на Европа и на Северна Америка, но на престојниот самит мора да усвои стратегија за одговор на актуелните закани во светот.

„Се соочуваме со нова стратегиска реалност и мора да бидеме подготвени долгорочно. На самитот во Варшава во јули ќе работиме на прашањето на натамошно зацврстување на нашата колективна одбрана, ќе го засилиме присуството на мултинационални сили на источното крило на Алијансата, и јасно ќе кажеме дека напад врз еден сојузник ќе наиде на одговор со сила од сите. Ќе ја засилиме отпорноста против хибридни воени закани и компјутерски напади и да обезбедиме дека нуклеарниот арсенал останува кредибитилен и ефективен. Ќе напредуваме кон нашата цел за Европа цела и во мир со поканата до Црна Гора да се приклучи на Алијансата. Повторно ќе ја потврдиме долгорочната обврска кон Авганистан и ќе се согласиме за натамошни мерки како одговор на предизвиците што доаѓаат од Средниот Исток и Северна Африка“, вели Столтенберг.

НАТО нема директно да се вклучи во антитерористичката коалиција за борба против Исламската држава, но авиони за набљудување АВАКС ќе почнат да помагаат при воздушните операции. Воените бродови на Алијансата патролираат во Средоземното море, иако заштита на европските граници од илегални мигранти не е задача на НАТО. На самитот во Варшава, ќе се расправа и за идната улога во Авганистан.

На средбата во Белата куќа меѓу американскиот претседател и генералниот секретар на НАТО било заклучено дека Алијансата треба да се адаптира за да може да одговори на заканите од терористите.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ