Концерт на виолинистката Сајака Шоџи со Македонската филхармонија
Повеќенаградуваната уметница и една од најдобрите виолинистки од поновата генерација ќе го изведе концертот за виолина и оркестар оп. 15 од Бенџамин Бритн, кој ќе ја доживее македонската премиера.

Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе го одржи симфонискиот концерт „Островска инспирација“, на кој како солист ќе настапи врвната јапонска виолинистка Сајака Шоџи.
Повеќенаградуваната уметница и една од најдобрите виолинистки од поновата генерација ќе го изведе концертот за виолина и оркестар оп. 15 од Бенџамин Бритн, кој ќе ја доживее македонската премиера.
Под палката на маестро Борјан Цанев ќе бидат изведени и прекрасните Енигма варијации од Едвард Елгар.
„Островска инспирација“ е претпоследниот концерт од редовната концертна сезона на Македонската филхармонија. Следува гостувањето на 14 април во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“, додека на 12 мај, првпат во Македонија гостува познатиот танго уметник на усна хармоника, Џо Пауерс од САД, на концертот насловен „Алхемија“, кој ќе го означи и крајот на старата концертна сезона на оваа институција.
