Собранието се распушти, СДСМ нема да учествува на избори

07.04.2016 12:04

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски еден час пред полноќ го распушти парламентот. СДСМ нема да учествува на предвремените избори закажани за 5-ти јуни. Претседателот на СДСМ, Заев вели дека не биле исполнети условите предвидени со договорот од Пржино.

Ефектуирана одлуката од 23-ти февруари. Собранието синоќа еден час пред полноќ се распушти, изборите треба да се одржат на 5 јуни. Спикерот Вељаноски им се заблагодари на пратениците за соработката и им посака успех на личен и на професионален план.

„Овој мандатен период и овој парламентарен состав помина низ многу тешки пребрежја, но сепак сите заедно успеавме да реализираме конкретни резултати во остварувањето на нашите стратешки определби, во градење на стабилна сегашност и подобра иднина. Јас како претседател на Собранието го изразувам моето лично задоволство, изразувам искрена надеж дека секој од нас без разлика на политичката припадност и на неговиот иден ангажман, ќе продолжи да придонесува за добробит на Република Македонија и на сите нејзини граѓани“, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Опозицијата не присуствуваше на седницата. Претходно ги повлече предложените законски решенија и побара итна седница за да се констатираат оставките на министрите и замениците - министри од СДСМ. Од Бихачка, пак,лидерот на партијата Заев порача дека СДСМ нема да учествува на изборите на 5-ти јуни. Заев рече дека договорот од Пржино бил потпишан за да се обезбеди принципот „еден човек еден глас“, избирачкиот список не се пречистува, нема реформи во медиумите,ниту одвојување на партијата од државата. Прашан како ќе дејствуваат натаму, Заев без конкретен одговор. Рече дека ќе бидат искористени сите уставни и законски можности.

„Не се откажуваме од принципите на коишто инсистираме. Заедно со цела демократска јавност. Во име на тој збор, во име на тие принципи, во име на демократијата, СДСМ нема да учествува на овие лажни избори. Чист избирачки список, регулација на медиумите и разграничување на партијата од државата. Тоа се целите на Договорот од Пржино и тоа се минимум условите за организирање на фер, демократски и пред се, регуларни избори во Република Македонија“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Кога претседателот на Собранието Вељаноски ќе го потпише решението за распишување на изборите, сѐ уште е неизвесно. Можно е тоа да се случи на 15-ти април, ако се има предвид неговата изјава дека ќе остави простор ДИК да комплетира некои активности доколку евентуално не се завршени. По потпишувањето на решението, почнуваат да течат изборните рокови.

 

Милчо Велески