Истрага за „Панамските документи“

07.04.2016 14:41

Панамскиот претседател изјави дека земјата ќе формира комисија која ќе ја разгледува финансиската пракса во земјата.

Јавниот обвинителот на Женева соопшти дека почнала истрагата во врска со „Панамските документи“, кои открија користење на офшор сметки, меѓу кои и на голем број фирми основани од женевски правници и финансиски институции, без да даде дополнителни детали. Панамскиот претседател изјави дека земјата ќе формира комисија која ќе ја разгледува финансиската пракса во земјата.

„Панамската влада заедно со нашето Министерство за надворешни работи ќе формира независна комисија од домашни и од меѓународни експерти кои ќе предложат мерки кои ќе ги поделиме со другите земји за зајакнување на транспарентноста на финансиските и легалните системи“, изјави Хуан Карлос Варела, претседател на Панама.

Експертите сметаат дека аферата ја разоткрила клучната улога на Лондон, како центар на системот на „даночните оази“. Документите  од „Мосак Фонсека“, ја покажуваат поврзаноста меѓу Велика Британија и илјадници компании, кои за седиште ја избрале британската територија. Британскиот весник „Гардијан“ пишува дека повеќе познати политичари поседуваат големи недвижни имоти во Лондон преку офшор претпријатија, основани со помош на панамската фирма.

Стабилниот правен систем, географската положба, како и фактот што во светот на финансиите се зборува на англиски јазик се дел од причините поради кои Лондон е во центарот на финансиските текови.

Во меѓувреме, германскиот весник „Зидојче Цајтунг“, кој прв дојде до „Панамските документи“ соопшти дека нема да ги објави сите материјали и дека сите нема да бидат достапни за јавноста или за органите за заштита на човековите права“. Според медиумот, властите имаат законско право да ги добијат овие документи од осомничените за извршени нерегуларности, а во многу случаи нема јавен интерес да се откријат офшор дејности на физички или правни лица.

 

Марина Автовска