Светски ден на здравјето: Лани во здравствената инфраструктура инвестирани 42 милиони евра
Годинава Свесткиот ден на здравјето се одбележува под мотото „Победи го дијабетесот“...

Нова опрема во здравствените установи, едукација на лекари во странство – во изминатата година во здравствената инфраструктура се инвестирани 42 милиони евра, вели – ресорниот министер Тодоров. Во тек е изградбата на Клиничката болница во Штип, најголемата капитална инвестиција досега, во износ од 56 милиони евра. Тодоров вели, сериозно е намалено и времето за чекање за здравствени услуги, во споредба со некои земји во европа.
„Особено за кардиохируршки интервенции каде што во некои земји листата на чекање надминува 7, 8 месеци некаде и една година. Време на чекање за компјутерска томографија, магнетна резонанца надминува 4,5 или 6 месеци. За сите овие случаи што ги набројав вомМакедонија времето на чекање го нема или е 2 – 3 дена“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
На Светскиот ден на здравјето – лекарите апелираат на поригорозни мерки за физички напад врз нив, за подобра заштита на работните места.
„Еден од чекорите во тоа е повелбата, се надевам дека во брзо време тоа ќе биде усвоено со закон што го има и во другите земји, како Соединетите Американски Држави. Сторителите на ваквите немили случки двојно да се казнуваат“, вели д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.
Годинава Свесткиот ден на здравјето се одбележува под мотото „Победи го дијабетесот“. Светската здравствена организација со препорака да се посвети повеќе внимание на секојдневниот живот, да се избегне дебелината и да се практикува физичка активност.
Андријана Атанасовска
