Саем на традиционални производи на малите бизниси од Полог
Саем на мали бизниси од Полог кои се претставија со традиционални производи. Целта е да се спојат еколошкото и традиционалното за да се промовира регионот. Саемот се организира со поддршка на УСАИД и Швајцарската амбасада, а наскоро ќе бидат претставени бизнисите на уште три региони...

Како спој на природата, културата, авантурата, малите бизниси од Полошкиот регион ги презентира своите производи во Скопје. Од традиционален производ, со иновација и промоција може да се создаде бренд, велат сопствениците на малите фирми.
Ѓомлезе, шеќер паре, баклава, мантии... традиционалните јадења од Полошкиот регион, стокмени во кетеринг варијанта, барани на пазарот.
„Пред 10 години почнавме со свадбени декорации. Видовме дека ни недостигаат торти, па почнавме да ги правиме, а од пред две години понудата ја збогативме со кетеринг. Задоволни сме од побарувачката“, вели Рабие Синани, сопственик на фирма.
Благодатите на руралната средина ги користи и семејството Петрушевски.
„Ние произевуваме сапуни од козјо млеко, бидејќи ги нема на пазарот“, вели Зоран Петрушевски, сопственик на фирма.
Во центарот за дизајн Јавна соба до 9 април производите од северозападна Македонија ќе бидат достапни за сите посетители.
Целта на ваквите саеми, на кои во иднина ќе се претстават и други региони е да им се помогне фирмите да ја зголемат побарувачката.
Наташа Јанчиќ
