Собранието се распушти, избори на 5-ти јуни
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, решението за распишување на изборите ќе го потпише на 15-ти април. Апелира до институциите и политичките субјекти да го дадат својот придонес, изјаснувањето на 5-ти јуни да помине во фер и во демократска атмосфера. СДСМ нема да учествува. Заев вели- не се исполнети условите. Груевски изјави- политичката криза може да заврши само со избори. Услови има...

Претседателот на Собранието Вељаноски, решението за распишување на предвремените парламентарни избори ќе го потпише на 15 април, со единствена цел како што вели, да се обезбедат услови за фер и демократски избори.
„Сакам да апелирам до секој од Вас, до институциите, политичките субјекти, да го дадат својот придонес претстојните предвремени парламентарни избори да поминат во фер и демократска атмосфера, со што уште еднаш ќе потврдиме дека ги почитуваме и споделуваме европските вредности“, потенцира спикерот Вељаноски.
Собранието се распушти, изборите треба да се одржат на 5-ти јуни. Опозицијата не присуствуваше на седницата. Од Бихачка, пак, лидерот на партијата Заев порача дека СДСМ нема да учествува на изборите на 5-ти јуни. Рече дека договорот од Пржино бил потпишан за да се обезбеди принципот „еден човек еден глас“, избирачкиот список не се пречистува, нема реформи во медиумите,ниту одвојување на партијата од државата.
„Со носење на едностраната одлука од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, тие овозможија во Република Макеоднија изборите да бидат невозможни. Едно е јасно, на 5-ти јуни се невозможни избори. Остануваме верни на принципите за фер и демократски избори. Слободни избори се конечен доказ за слободата во Република Македонија. Од целиот овој аспект, опозицијата ги има сите алатки во земја во која има устав и закони да ги користи во борбата за враќање на слободата и демократијата“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Доста беше, кризата мора да заврши,возврати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски. Вели дека изборите се излез од кризата,бидејќи само народот решава кој нуди можности,нови работни места и инвестиции,а кој деструкции и разнебитување на земјата. Додаде дека мора да заврши времето на конфликтност и агонијата. Медиумите се регулирани и има закон за рамномерна застапеност, одговори Груевски на обвинувањата дека нема реформи во медиумската сфера. Нема да се толерираат никакви уцени и закани во изборниот процес. Не е точно и дека избирачкиот список не е пречистен, изјави Груевски.
„Услови за избори има и избори ќе се одржат. Секој може да учествува на тие избори или да не учествува. И тоа е слобода, односно и негласањето или неучествувањето на избори е одлука и еден вид учество во демократијата. Така функционира демократијата- мнозинството одлучува... Искрено се надевам дека може да ја промени одлуката. Ова е мој повик до него да го направи тоа. Ова не е битка на Груевски и Заев и јас и тој сме неважни во оваа ситуација. Ова е битка за Македонија“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
По потпишувањето на решението од претседателот на Собранието, почнуваат да течат изборните рокови.
Милчо Велески
