ММФ: Бројот на бегалците во Европа ќе се зголемува

08.04.2016 09:51

Меѓународниот Монетарен Фонд предвидува дека оваа година ќе се зголеми бројот на бегалците во Европа. Во најновиот извештај на ММФ регистрирани се економски мигранти коишто ја искористуваат бегалската криза да стигнат во ЕУ.

Во Европа има 1,2 милиони бегалци, но нивниот број може да се зголеми, предвидува најновиот извештај на Меѓународниот Монетарен Фонд за бегалската криза. Според прелиминарните извештаи на Еуростат, веќе во првите два месеца од оваа година е регистриран поголем број на бегалци коишто пристигнале во Германија, Шведска и во Австрија.

„Забележавме дека има голем прилив на бегалци од Сирија, но зачудувачки е што се зголеми и бројот на бегалци од други држави особено од Косово. Ова е чудно бидејќи во Косово нема војна. Ова докажува дека има економска заднина и дека ако еднаш ги отвориш вратите за бегалци привлекуваш бегалци и од други држави што не се директно погодени со конфликт како од Авганистан“, изјави Антонио Спилимберго, коавтор на извештајот за бегалската криза на ММФ и шеф на делегацијата на ММФ во Турција.

„Една од основите на европскиот проект е слобода на движењето на луѓе, стоки, услуги и капитал, и кога го попречувате ова удирате во срцето на она што Европа ја прави Европа. Затоа бегалската криза мора да се реши. Договорот меѓу ЕУ и Турција за прелокација на некои од бегалците  е важен проект и без контроверзи е клуч за континуираниот опстанок на Европа“, вели Бојден Греј, поранешен американски амбасадор во ЕУ и член на иницијативата „Европски економски раст“.

Мигрантите се помлади од државјаните на европските држави што се борат со стареењето на населението, па приливот на бегалци во Европа може да го реши овој проблем, оценуваат од ММФ. Според извештајот, мигрантите заработуваат во просек околу 30 проценти помалку и не ги одземаат работните места на европските државјани. Ова на среднорочен план може да придонесе за зголемување на економскиот раст на државите кадешто има бегалци. Шведска веќе издвојува еден процент од БДП за бегалците, па запирањето на приливот на бегалци е клучен за одржување на економската стабилност во Европа.

САД помагаат за бегалците од Сирија со финансиски средства донирани на УНХЦР.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ