Македонија со највисока стапка на раст во регионот

08.04.2016 14:49

Македонија има највисока стапка на раст во регионот - евидентира Светска Банка во најновиот редовен извештај. Главни двигатели биле јавниот сектор и извозот од странските директни инвестиции, намалувањето на невработеноста се должело на активните мерки за вработување. Ризик фактор се политичката и бегалската криза...

Стапката на раст на шесте земји од регионот на ЈИЕ лани била 7 пати поголема во однос на годината пред тоа, констатира Светска банка во Економскиот извештај. Македонија е со највисок економски раст во регионот од 3,7%, а ја следат Косово и Црна Гора. Вашингтонските банкари очекуваат во 2016-та натамошен робустен раст на македонската економија од 3,7% и негово придвижување до 4% во 2017-та. Политичката криза останува сериозен предизвик што треба да се надмине, смета Банката.

„Растот го придвижуваат двигатели кои на некој начин се изолирани од оваа политичка криза и не се под нејзино директно влијание. Притоа мислам на значителниот стимул на јавната потрошувачка особено во втората половина од 2015-та и извозот, предоминантно од странските директни инвестиции“, изјави Бојан Шимбов, економист во Светска банка.

Македонија ги спроведуваше реформите и евидентно беше поместување кон раст движен од приватните инвестиции, но сега растот го движи јавната потрошувачка, вели регионалната директорка Елен Голдстин. Светска банка за регионот предлага промена на моделот и ребалансирање, од раст финансиран од потрошувачката кон модел кој повеќе се потпира на приватни инвестиции и зголемување на извозот.

„Голем број земји се длабоко навлезени во структурните реформи, но има 5 области кои се од критична важност. Можеби е најважно да се реформира деловната клима,вклучително и подобрување на управувањето на навистина сериозен начин. Со тоа доаѓа и потребата од справување со крутоста на пазарот на трудот и бариерите за вработување“, вели Елен Голдстин, регионален директор во Светска банка.

Во однос на македонската економија, Светска банка констатира благо намалување на невработеноста и зголемување на вработеноста, што според Банката, се должи на мерките за поттикнување на вработување млади до 29 години и очекува тие да продолжат и годинава. Во однос на буџетскиот дефицит се преминало од надворешно кон негово внатрешно финансирање. Трошоците за платите и надоместоците на јавната администрација во однос на БДП се под просекот на регионот. Главни предизвици за годинава се разрешување на политичката криза, интензивирање на структурните реформи, намалување на фискалниот дефицит, вели Светска банка во економскиот извештај за регионот.

 

Свето Николовски