Грешка на пилотот – причина за падот на авионот на „Флај-Дубаи“
Во соопштението се наведува дека причината за падот на боингот 737-800 е погрешното маневрирање на пилотот во сложени временски услови.

Рускиот комитет за цивилно воздухопловство денеска го објави првиот извештај за минатомесечниот пад на авион на нискобуџетната авиокомпанија „Флај-Дубаи“. Во соопштението се наведува дека причината за падот на боингот 737-800 е погрешното маневрирање на пилотот во сложени временски услови. Понатаму се наведува дека пилотите не се снашле на време во таквата ситуација и дека донесле погрешна одлука. Се смета дека до несреќата дошло бидејќи пилотите го свртеле хоризонталниот стабилизатор на леталото во положба за понирање.
Пилотот при силен ветар се обидувал да ја зголеми висината по вториот обид за слетување по што бил принуден да се откаже. Авионот удрил во земјата со брзина од 600 километри на час, со агол на понирање поголем од 50 степени.
Во извештајот се наведува и дека истрагата за несреќата ќе продолжи со помош на пилоти од Русија, САД и од Обединетите Арапски Емирати.
Интерфакс наведува дека експерти детално ќе го проучат психолошкиот портрет на капетанот на посадата, како и неговиот однос со семејството и со колегите.
Во несреќата со авионот којшто патувал од Дубаи кон Ростов на Дон загинаа сите 55 патници и седум члена на екипажот.
Марина Автовска
