Реакции: Партиите заедно да работат за создавање услови за кредибилни избори
Политичките партии заедно да работат за создавање услови за веродостојни избори, што е во интерес на државата и на граѓаните, повика високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Федерика Могерини. Политичките лидери имаат одговорност да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат, преку спроведување на нивните политички договори, стои во заедничката изјава на ЕУ и САД...

„Политичките лидери имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата на евроатлантскиот пат со спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети“- се вели во заедничката изјава на амасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли. Ги повикаа политичките лидери во Македонија да го спроведат потпишаното и да обезбедат услови за кредибилни избори. Порачуваат да не се пропушти оваа можност за избори.
„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите, како и обезбедување на фер медиумско покривање“- се вели во изјавата.
Според амбасадорите, извесен прогрес е направен, но, останува уште многу работа..
„ЕУ и САД ќе продолжат да го поддржуваат демократскиот развој на Македонија, што вклучува и избори. Ја поздравуваме работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел“, велат Орав и Бејли.
Од Брисел се огласи високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
„По контактите со лидерот на СДСМ, Заев и еврокомесарот Хан имплементацијата на договорот од Пржино и приоритетните реформи остануваат од суштинско значење за земјата. Неопходно е сите политички партии да продолжат да работат заедно за обезбедување кредибилни избори во интерес на државата и на граѓаните“, вели Могерини во писментото соопштение.
Миле Ристески
