Груевски: Економскиот подвиг на Македонија се должни на бројните антикризни мерки

08.04.2016 16:35

„Економскиот подвиг на Македонија и постигнатите резултати се должат на преземените антикризни мерки и на финансиската стимулација на бизнисот“- смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Од семинар на Демократската младинска заедница на Европа и Унијата на млади сили на партијата, порача дека на Македонија и е потребен крај на кризата, преку избори на кои ќе одлучи народот...

„Македонија е една од ретките земји која во време на криза воведе ниски даноци, ги поддржа домашните компании, вложи 174 милјарди денари во капитални инвестиции, се отворија 150 илјади работни места“- рече претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски на семинарот за младинските политики за просперитет. Потврда за добрите економски политики, вели тој, се и извештаите на меѓународните институции.  

„Невработеноста се намали во текот на кризните години и се уште продолжува да се намалува. Тоа е благодарение на нашите политики и со исто темпо ќе продолжиме и во наредниот период. Борбата за намалување на невработеноста, привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места и понатаму останува број еден приоритет во новата Програма на ВМРО-ДПМНЕ. Работата си дава резултати, а резултатите говорат за нас“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. 

За решение на политичката криза, Груевски и порача на опозицијата дека избори мора да има и ќе има, а неговата партијата ќе ја понудела најдобрата програма досега. Според лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, раководството на СДСМ бега од изборното соочување за да ги спаси своите кариери.

„Јасно е дека не е ниту до слободата и демократијата, не е ниту до избирачкиот список, или медиумите, туку проблемот е во СДСМ. Тие треба да го бараат во сопствените редови.  Има ли поголема слобода и демократија од тоа кога народот одлучува на избори. Има ли поголема доблест од таа политичарите да му препуштат на народот да одлучува. СДСМ се плаши од народот, СДСМ се плаши од пораз и тоа опозицијата добро го знае. Тие се свесни за нивниот низок рејтинг помеѓу граѓаните“, потенцираше Груевски.

Груевски порача дека е време да се стави крај на поделбите меѓу нардот.

 

Викторија Милевска