Тензично на јужната граница: 15 полицајци повредени по налетот на мигрантите
Се уште е тензична состојбата на македонско-грчката граница каде утрово околу 10:30 часот, организирани групи бегалци од Идомени се обидоа илегално да ја поминат границата на три различни места на потегот од граничниот камен 59 кон селото Моин, но беа спречени во тоа...
Петнаесет полицајци се повредени, од кои 5-мина потешко, во новиот насилен обид за влез во земјава, соопштуваат од МВР. Хоспитализирани се во гевгелиската болница, откако изутрината во 10 часот и 30 минути, три големи групи составени од 500 до 700 луѓе, од кампот на грчката страна на границата тргнаа кон заштитната ограда со намера да ја скинат и да влезат во Македонија.
Безбедносните сили се обидоа да ги одвратат од планот, бидејќи согласно договорот од Брисел- балканската рута е затворена.
Мигрантите велат дека нема да отстапат од своите барања, да го продолжат патот кон Европа.
„Денеска е решавачки ден за сите, или ќе поминеме или ќе умреме обидувајќи се... Доста ни е од овие европски резолуции“, вели еден од мигрантите.
Мигрантите во својот обид за влез на македонска територија употребија камења и тврди предмети. Полицијата одговори со шок и чадни бомби за да ја одврати толпата.
Од Центарот за управување со кризи велат дека групите биле добро организирани, а според грчките медиуми повторно им биле делени летоци од невладини организации, со инструкции како да ја минат границата.
Граничниот појас го штитат засилени полициски и армиски сили. Во импровизираниот камп од грчката страна на границата, во моментов има повеќе од 10 илјади мигранти и бегалци кои останаа заглавени откако се затворија границите.
