Се гради нов 110 киловолтен далновод Скопје- Тетово
Скопје и Тетово се поврзуваат со нов 110 киловолтен далновод. Градежните работи на проектот, вреден над 3,6 милиони евра, се во полн ек, се очекува далноводот да биде ставен во функција во текот на летото. Од МЕПСО велат дека сопствениците на парцелите ќе бидат соодветно обештетени...

Интензивно се гради новиот 110 киловолтен далновод кој треба да ги поврзе најголемите конзумни подрачја во земјава, Скопје и Тетово. Ќе минува преку 6 општини и ќе ги поврзува големите трансформаторски станици: Скопје 1, Југохром и Тетово 1. Се демонтираат постоечките проводници и се уриваат старите бетонски столбови. Се градат нови челично решеткасти столбови и се развлекуваат и монтираат нови проводници. Се работи на парцели на кои МЕПСО има извршено трајна и времена експропријација.
„Сакам да ги известам сите сопствениви на парцели низ кои минува далноводот, а на кои мора да се работи за поставување на опремата и на изградба на далноводните столбови, дека МЕПСО има формирано комисија која што ќе утврдува штети на земјоделските парцели на кои ќе бидат направени штети и по утврдување на фактичките состојби ќе следува и обештетување за сите сопственици на парцелите, на кои работи изведувачот на поставување на овие столбови“, изјави Никола Стојанов- портпарол на МЕПСО.
Со оваа инвестиција се зголемува доверливоста во снабдувањето со електрична енергија на двата најголеми конзумни региони во земјава. Се зголемува и стабилноста на системот и се подобрува квалитетот на електричната енергија, велат од МЕПСО.
„Проектната вредност на овој далновод е 3,56 милиони евра и во неа се вклучени две компоненти. Прва е кредитната компонента, обезбедена преку Светската Банка и вториот извор се сопствени средства на МЕПСО кои што се наменети пред се за експропријација на земјиштето, на кое што ќе се наоѓа далноводот“, вели Стојанов.
Изведувачот Енергомонтажа има завршено 90% од планираните работи во градежниот дел, а веќе се подигнати и половина од планираните 158 столбови.
110 киловолтниот далновод Скопје- Тетово е во должина од 52 километра. Најголем дел оди по нова траса, а се опчекува градежните работи да бидат завршени во текот на летните месеци, кога ќе биде целосно ставен во функција.
Свето Николовски
