„Вилает Дагестан“ ги повикува Русите против Путин

26.01.2014 13:47

Милитантната група која тврди дека ги изврши двата минатомесечни терористички напади....

Милитантната група која тврди дека ги изврши двата минатомесечни терористички напади во Волгоград, ги предупреди Русите да му се спротивстават на претседателот Владимир Путин затоа што во спротивно ќе се соочат со нови бомбашки напади.
 
Предупредувањето доаѓа на две недели пред отворањето на Зимските олимписки игри во Сочи, но во него олимпијадата не се споменува.
 
Оваа група, која себеси се нарекува „Вилает Дагестан“, дејствува во реонот на Северен Кавказ, каде Русија војува со локалните исламистички бунтовници веќе неколку децении.
Групата им се закани на Русија и на претседателот Путин со добивање „подарок“ за време на игрите.
 
Западните набљудувачи веруваат дека со организирањето на олимпијадата, рускиот претседател сака да го зацврсти својот личен и политички углед во земјата.
 
Во интервју за Би Би Си, Путин минатата недела ги отфрли таквите тврдења, објаснувајќи дека игрите се значајни за да се надмине депресијата и разочараноста по распадот на некогашниот Советски Сојуз, во 1991 година.
 
Игрите во Сочи ќе останат запаметени како најскапа олимпијада, затоа што таа ќе чини дури 50 милијарди долари, безмалку пет пати повеќе од онаа во Лондон во 2012 година.
 
Во соопштението на милитантната група се вели дека бомбашките напади во Волгоград, каде беа убиени 34 луѓе, се „одговор за свирепоста“ што ја спроведуваат „неверниците“ во реонот на Кавказот.
 
Официјална Москва одби да го коментира соопштението, како и предупредувањата што најмалку шест западноевропски олимписки комитети ги добија минатата недела, за тоа дека игрите се соочуваат со „терористичка закана“.
 
Руските безбедносни власти само изјавија дека заканите до странските олимписки комитети се лажни.
 
Дагестан е провинција во средина на бунтовничкиот регион во Кавказот, населен главно со муслимани. Водачите на бунтовничките групи заговараат создавање на исламистичка држава во Северн Кавказ.