НВО активисти- организатори на насилните инциденти на мигрантите
Масовно и организирано било вчерашното илегално преминување на македонската граница, соопштува денеска МНР. Овој инцидент имал сличности со масовното преминување на границата на 14- ти март, кога исто така, невладини организации учествувале во организацијата на преминот на околу 3 илјади мигранти од импровизираниот камп на грчката страна од границата. Ова е реакција на нашето министерство, на вчерашните два демарша од грчкиот амбасадор Лалакос, каде што меѓу другото забележува на нехуман однос кон мигрантите.

Инцидентот со мигрантите кај Сехово бил поттикнат од невладини активисти. Организирани масовни и координирани обиди за илегален премин на границата, соопштуваат од македонското МНР. Официјална Атина пак, со два демарша до Република Македонија за вчерашните инциденти на јужната граница кај котата 59. Според амбасадорот Лалакос употребата на насилство не придонесува ништо за решавање на проблемот со бегалците и е во директен судир со одредбите на меѓународното и хуманитарното право.
Ги повика македонските власти, како што стои во демаршот соодветно да одговорат на условите и да покажат одговорност, воздржаност и сериозност. Според многу показатели, немирите наликуваат на инцидентот на границата од 14-ти март годинава во кој беа инволвирани 2.500 мигранти, велат од македонското МНР.
„Различни извештаи говорат дека во обидот да ја поминат грчко- македонската граница со употреба на насилство мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации. Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко- македонската граница со употреба на насилство, тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите- членки на ЕУ“- се посочува во соопштенеито.
Според МНР, македонските безбедносни сили, заедно со полициски службеници од неколку земји- членки на ЕУ кои се распоредени на јужната граница, брзо одговорија и спречија нелегален влез на речиси 3.000 мигранти. Не е повреден ниту еден од мигрантите кои учествуваа во насилните протести. Македонските власти побарале активен придонес на грчките полицајци во услови кога постојано се случуваат насилни напади од грчката територија, стои во дописот.
„Постојано се упатуваат барања за соработка и за размена на информации, за да се дејствува превентивно во однос на насилните протести на мигрантите и обидите за илегален премин од Грција на македонска територија. Воспоставувањето ред и мир во пограничната зона и во и околу центрите за прифаќање мигранти, е од суштествено значење за превенирање вакви инциденти во иднина“- се нагласува во соопштението од македонското МНР.
Во вчерашниот инцидент на македонско- грчката граница кај Сехово беа повредени 14 полицајци и 9 војници во обидот да спречат над 3.000 мигратни насилно да влезат на македонска територија.
Наташа Гркова- Петрушевска
