Собранието на РМ - реконструирано за помалку од една година
До крајот на оваа година се очекува да заврши доградбата, надградбата, адаптацијата и зајакнувањето на зградата на Собранието на Република Македонија. Новиот адаптиран лик на објектот надворешно е одбележан со двете мали и големата купола во стакло. Законодавниот дом ќе влезе во категоријата на енергетско ефикасни објекти, со што ќе се обезбеди заштеда како при негово загревање така и при ладење.

До крајот на оваа година се очекува да заврши доградбата, надградбата, адаптацијата и зајакнувањето на зградата на Собранието на Република Македонија. Новиот адаптиран лик на објектот надворешно е одбележан со двете мали и големата купола во стакло. Законодавниот дом ќе влезе во категоријата на енергетско ефикасни објекти, со што ќе се обезбеди заштеда како при негово загревање така и при ладење.
- Заклучно со декември 2013 година завршен е левиот дел од главниот влез на Собранието. Тука спаѓа во сутеренот ресторанот, во приземјето Спомен собата АСНОМ, Струшката соба, Банкет собата и Клубот на пратениците, нагоре во оваа вертикала се работни простории што се на првиот и на вториот кат од објектот, како и делови од надградбата, чиј што еден крак е веќе вселен, две од шесте сали за состаноци во надградбата се готови и дваесетина работни канцеларии кои се веќе вселени, изјави за МИА собранискиот архитект Билјана Ивановска.
Една од двете мали куполи, со дијаметар од шест и висина од три метри, е веќе подготвена за уредување со мебел. Двете сали под овие куполи ќе бидат со поинаков лик од вообичаените сали за седници на собраниските тела.
– Во надградбата на Собранието се направени шест сали за комисии и околу 80 канцеларии. Под двете мали куполи, коишто се над главниот влез, ќе има сали за една или за две комисии, ќе видиме. Работните тела ќе имаат многу подобри услови за работа од оние што ги имаат сега бидејќи со овие шест и уште четири што ги имаме ќе имаме десет сали. Комисиите подобро ќе работат без да се чекаат една да заврши друга да почне, вели собранискиот архитект.
За поинаквото уредување, Ивановска вели дека се ценело оти овие сали под куполите треба да бидат малку поинаку ентериерно уредени од останатите простории.
Салата под големата купола конструктивно е готова и покриена. Има површина од шестотини метри квадратни и е покриена со големата купола со дијаметар од 32 метри и висина од десет метри. Куполата е изработена е од два вида стакло. Во долната зона има потемно стакло, во горна зона тоа е посветло и нивното спојување ја формира буквата „М“.
- Сега почнуваме со подот на салата, со затворање и уредување на салата, која ќе биде повеќенаменска и каде би се одржувале меѓународни конференции, поголеми приеми, според потребите на Собранието, вели архитектот на Собранието.
Заради зајакнувањето на ѕидовите на објектот е пробиен рокот за завршување на работите во законодавниот дом, но со материјалот што е ставен и се става како внатре така и на фасадата на зградата, таа влегува во категоријата на енергетско ефикасни објекти.
– Многу повеќе бетон се вгради од она што беше предвидено со првобитниот проект. Фазата на зајакнување оди со празнење на еден дел од објектот од сутерен до втори кат, комплетно демонтирање на прозори и на врати. Потоа следува фазата на бетонирање на платната (зајакнувањето), потоа поставуваме нови прозори со ролетни, нова внатрешна столарија, паркетот кадешто може да се смени се менува, каде што не - одиме со нов паркет. Од надвор старата фасада комплетно е тргната до цигла и на нив се става нова термо фасада. Со тоа веќе објектот на Собранието влегува во категоријата на енергетско ефикасни објекти, посочи Ивановска.
