Нова мерка за финансиска поддршка на земјоделците

11.04.2016 15:58

Нова финансиска поддршка за земјоделците. 80 проценти субвенција од државата за систем капка по капка и ископување нови бунари. Апликациите треба да се достават до октомви годинава, а исплатата треба да почне од јануари наредната година...

Земјоделците ќе добијат 80 проценти субвенција од државата за систем капка по капка и ископување нови бунари, изјави претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски. Заинтересираните, апликациите треба да ги достават до октомви годинава, а исплатата треба да почне од јануари наредната година. Според Груевски, воспоставување систем за наводнување и соодветно дозирање на водата ќе овозможи зголемување на приносите, а кај некои култури и за неколку пати.

„Право да конкурираат ќе имаат физички лица на кои земјоделството им е примарна дејност, регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство. Понатаму, земјоделски компании или земјоделски задруги. Цел на набавка е опрема за воспоставување на систем за наводнување на садници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство“, изјави Груевски.

Според Груевски, за еден земјоделец да постави систем капка по капка на еден хектар треба да плати и до 2.000 евра, ископувањето пак, на нов бунар до 50 метри би го чинело до 2.500 евра, субвенцијата од осумдесет проценти ќе значи заштеда за семејниот буџет. Рече дека средствата за реализација на наведените активности ќе бидат обезбедени преку програмата за рурален развој на земјоделството, а остатокот од средствата ќе ги обезбеди корисникот. Максималната површина за која ќе се  однесува поддршката за системот капка по капка ќе биде до 50 хектари.

 

Наташа Јанчиќ