Мирно на јужната граница по вчерашните инциденти
Мирно на јужната граница ден по обидот на бегалците насилно да влезат од грчка на македонска територија. Забележливо беше зголемено присуство на полицијата и армијата. Група мигранти претпладнето кусо протестирала и барала западно-балканската рута да се отвори...

За разлика од вчера, мигрантите во импровизираниот камп денеска одржаа мирен протест на којшто побараа: Германија да ги крене рампите и западно-балканската рута да стане проодна.
Побараа македонските полицајци да ги пуштат да минат натаму. Откако не добија позитивен одговор, мирно се вратија во шаторите или засолништата. Мигрантите во кампот престојуваат во исклучително ниски животни услови веќе два месеца иако требаше да се преместат во околните кампови во Кукуш, Херсон или Поликастро. За справување со бегалската криза, Грција од Унијата доби 770 милиони евра.
Полицијата вчера беше принудена да употреби солзавец за да ја растури толпата, но притоа, како што информираат од МВР, ниту еден припадник на безбедносните сили не навлегол на грчка страна, ниту пак е повреден мигрант на македонско тло.
Сите бегалци кои успеале да се протнат низ исечената жичена ограда се фатени и вратени назад во Грција. За нејзино уништување, мигрантите употребуваа и клешти за кои засега не се знае како и од каде биле набавени.
Анита Димитријевска
