МНР упати нота до Грчката канцеларија за врски во Скопје
Во нотата објавена синоќа на веб-страницата на МНР воедно се бара од грчките безбедносни власти засилен ангажман за избегнување на вакви инциденти во иднина.

Министерството за надворешни работи упати нота до Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, како одговор на вчерашниот вербален демарш од шефот на канцеларијата, амбасадорот Лалакос, која му беше врачена лично на разговор во Министерството.
Македонските безбедносни сили за време на вчерашните насилни инциденти постапија со максимална можна воздржаност, одговорност и професионализам и притоа дејствуваа сразмерно на безбедносниот предизвик од насилните протести и агресивните обиди на поголеми групи мигранти илегално да ја преминат грчко- македонската граница, вклучително преку пробивање на граничната заштитна ограда, се вели во нотата на Министерството за надворешни работи.
Во нотата објавена синоќа на интернет-страницата на МНР воедно се бара од грчките безбедносни власти засилен ангажман за избегнување на вакви инциденти во иднина.
