Иванов за ТВ Мега: ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени
Македонските институции го презедоа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти на наша територија, рече претседателот Иванов во интервју за грчката телевизија „Мега“...

Европската Унија да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени, побара македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во интервју за грчката телевизија „Мега“, по неделниот инцидент на јужната граница и обидот на поголема група мигранти насилно да влезат во земјава.
Македонските институции го презедоа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти на наша територија. Ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде што доаѓаат во последно време сите илегални обиди за минување на наша територија и по должината на коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Сѐ додека постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија. Не ѝ доликува на земја- членка на ЕУ и на НАТО, земја што учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува и да дозволува да се загрозува територијата на нејзина соседна држава со илегално минување на мигранти, изјави претседателот Иванов.
Во интервјуто за телевизија „Мега“, Иванов потсетува дека од грчката страна немало никаква информација за случувањата во Идомени и можноста за инцидент.
