Иванов: ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени

12.04.2016 12:32

Европската унија да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени, побара македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во интервју за грчката телевизија „Мега“, по неделниот инцидент на јужната граница и обидот на поголема група мигранти насилно да влезат во земјава. Не доликува на земја- членка на ЕУ и НАТО која учествувала во носење одлука за затворање на коридорот да не ја почитува одлуката и да дозволи загрозување на територијата на земја, нејзин сосед, нагласил претседателот Иванов...

Европската Унија да ѝ помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде што во последно време доаѓаат сите илегални обиди за влез на нашата територија и пo должината на коридорот што е затворен со одлука на Брисел, вели македонскиот претседател Иванов во интервјуто за грчката телевизија „Мега“. Македонските институции го презедоа сето она што требаше да го направат грчките, за да се спречи обидот за масовно влегување на мигрантите. Иванов посочи дека од грчката страна немало никаква информација за случувањата во Идомени и можноста за инцидент.

„Не ѝ доликува на земја-членка на ЕУ и на НАТО, земја која учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува одлуката и да дозволи да се загрозува територијата на нејзината соседна држава со илегално минување на мигранти“, нагласи претседателот Иванов во интервјуто.

Во однос на испратениот демарш од грчкото МНР за случувањата на јужната граница, шефот на државата со став дека наместо тоа, требаше да не извести за се што со денови се случува во кампот од таканаречени волонтери, лица кои го организираа сето тоа, делеа летоци на арапски јазик и вршеа подготовка за насилно влегување на наша територија. Македонското МНР ги извести сите земји од балканската рута и членките на Европската Унија за случувањата кај котата 59, се е снимено и е документирано, рече Иванов во интервјуто за „Мега“. Во однос на евроинтеграциите, македонскиот претседател е дециден дека државава ги исполни сите обврски, на потег се ЕУ и НАТО.

„Што се однесува до нашето членство во НАТО и во Европска Унија, можам да кажам дека Македонија сѐ што требаше за членство во НАТО го исполни во 2008 година кога Грција нѐ блокираше, а сѐ што требаше за да ги почнеме преговорите со Европската Унија ние постигнавме уште во 2009, кога ги добивме првиот позитивен извештај и препораката да ги почнеме преговорите. Сега се на потег НАТО и Европската Унија да ги исполнат обврските што ги имаат спрема Македонија“, рече претседателот Иванов.

Коментирајќи ги билатералните односи меѓу Македонија и Грција, Иванов оценува дека бегалската криза била можност тие да бидат на многу повисоко ниво, но од грчка страна била испуштена, иако, како што оценува, сѐ уште има време, осврнувајќи се на мерките за градење доверба.

 

Милчо Велески