Разговорите меѓу Грција и кредиторите без резултат

12.04.2016 15:58

Од грчка страна информираат дека постои согласност за постигнатиот напредок по клучните прашања, со што се исполнети предусловите за договорот. Сепак, според некои информации, се уште постојат спорни точки...

Без договор, вчера вечер по полноќ завршија преговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори. Од грчка страна информираат дека постои согласност за постигнатиот напредок по клучните прашања, со што се исполнети предусловите за договорот. Сепак, според некои информации, се уште постојат спорни точки во однос на барањата на Тројката за спроведување на пензиската и даночна реформа.

И германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле потврди дека Грција и Тројката се близу до постигнување на договор, но отфрли секаква можност за отпишување на долгот.

 Ќе најдеме решение во следните неколку недели. Но, тоа нема никаква врска со отпишување на долгот. Грција мора да стори повеќе за да најде начин за конкурентна економија. Ова мора постојано да му се повторува на грчкиот народ“, изјави министерот за финансии на Германија, Волфганг Шојбле.

Консултациите во врска со мерките за штедење ќе продолжат на 18- ти април, кога меѓународните кредитори ќе се вратат во Атина. Четири денови подоцна во Амстердам ќе се одржи средба на Еврогрупата на која што ќе се донесат одлуките за следните транши од новата, трета спасувачка програма за финансиска помош на Грција.

Грчките власти информираат дека преговорите беа прекинати заради учеството на грчки владин тим на претстојната средба со ММФ и Светска банка во Вашингтон.

 

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ