Достоинство се приклучи на Платформата за демократска Македонија
Претседателот на Достоинство рече дека и тој и се приклучил на платформата со надеж дека ќе се исполнат демократските услови за избори и покрај тоа што со Заев во минатото имале различни погледи за развојните перспективи на земјава.

Регуларни, фер и демократски избори, враќање на правдата, реформи во медиумите, деполитизација и демократизација на институциите и застанување зад сите универзални и европски вредности коишто ги заслужуваат сите граѓани се клучните цели што сакаме да ги оствариме, изјави Зоран Заев, претседателот на СДСМ, по средбата, на која потпис на Платформата за демократска Македонија стави и лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов.
„Секако протести ќе има доста во Македонија доколку не се вразуми оваа власт и не се врати на нормативите и принципите за кои што ставиле потпис, постигнале договор и гласале за законите во парламентот. Протестите се една од можностите што ни стојат“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Претседателот на Достоинство рече дека и тој и се приклучил на платформата со надеж дека ќе се исполнат демократските услови за избори и покрај тоа што со Заев во минатото имале различни погледи за развојните перспективи на земјава.
„И покрај некои лоши искуства во минатото со СДСМ, и одредени мали разлики за некои прашања, ние се приклучуваме на оваа Платформа“, рече Стојанче Ангелов , претседател на партијата Достоинство .
Заев очекува дека и граѓанските здруженија и интелектуалците ќе застанат зад една ваква принципиелна платформа како би можеле, како што рече, сите да и помогнат на Република Македонија.
Тој изјави дека министрите во оставка, кои доаѓаат од редовите на неговата партија водат правна битка за укинатите решенија, при што се можни и кривични пријави против Владата.
Игор Панов
