Костадиновски: Нема отровни краставици во Македонија

12.04.2016 16:37

Дополнителниот заменик- министер за земјоделство, Николовски обвини дека во државава бил дозволен увоз на краставици од Албанија со двојно повеќе пестициди од дозволеното. Надлежните институции демантираат- лага и сеење страв се тврдењата на Николовски. Лабораториските анализи покажале- краставиците се безбедни за јадење...

Дополнителниот заменик- министер за земјоделство тврди македонските граѓани јадат отровни краставици увезени од Албанија. Вели- така покажале анализите на примерок од краставиците. Според Николовски, податоците за увозникот и за извозникот ќе ги достават до институциите.

„Увезената  краставица од Албанија содржи двојно повеќе пестициди отколку што е законски дозволено, односно концентрација на активна супстанца Металаксил која е отровна. Останува отворено прашањето зошто затаила контролата при увоз и кој дозволил овие отровни краставици да завршат да домашниот пазар“, изјави Николовски.

Ресорното министерство ги демантира тврдењата на Николовски. Тоа е лага со која се прави паника меѓу населението, вели заменикот Костадиновски. Николовски или нема познавање или свесно сее страв.

„Анализите покажале дека во конкретниот примерок има дваесет и пет пати помалку пестициди од пропишаното“, изјави заменик министерот Ванчо Костадиновски.

Анализите на Државната фитосанитарна лабораторија покажуваат дека во примерокот има 0,02 микрограми на килограм пестициди, а дозволени се 5. 

„Во Македонија се јаде безбедна храна, на пазарот нема отровни краставици“, нагласи Сузана Кратовалиева, директор на Државна фитосанитарна лабораторија.

И Костадиновски и Николовски најавија дека одговорноста за овој случај ќе ја бараат и докажуваат преку институциите.

 

Наташа Јанчиќ