„За подобра Македонија“: Избори на 5-ти јуни за излез од политичката криза
Избори на 5-ти јуни за излез од политичката криза, заклучок од средбата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со партнерите од коалицијата „За подобра Македонија“. Ја изготвиле програмата. Испратен е уште еден апел до опозицијата за учество на изборите, бидејќи партнерите од владејачката партија сметаат дека и таа носи одговорност за состојбите во државата...

Изборите ќе се одржат на 5-ти јуни. Секој ја сноси одговорноста за своите одлуки. Граѓаните го имаат последниот збор и решават за составот на Собранието и на идната влада. Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ единствена во ставовите. Повик до опозицијата за учество на изборите.
„Нема и не може да има каква било дискусија околу датумот на изборите кој е одлучен од Собранието на Република Македонија и загарантиран со Устав и закон. Во тој правец избори ќе има на 5 јуни и ги охрабруваме сите актери, сите политички партии во Република Македонија активно да се ангажираат, да учествуваат, да ги убедат граѓаните дека нивната опција е најдобрата и конечно да ги спроведеме изборите и да се концентрираме на тоа што е најзначајно за граѓаните на Република Македонија во следниот период“, изјави Никола Попоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи.
Изборите се единствено решение за излез од политичката криза. Од коалицијата велат, агонијата трае предолго, трпат стопанството и граѓаните. Потенцираа дека политичките партии кои сакаат да избегаат од избори всушност бегаат од соочување со народот.
„Се надевам дека ќе нема никаков проблем кај ДИК и дека овие денови дефинитивно ќе каже дека со избирачкиот спиосок е се во ред. Врпочем, тоа го очекуваат и граѓаните на Република Макеоднија“, изјави Живко Јанкуловски претседател на ПОДЕМ.
„Сите чинители во Република Македонија да ги оправдаат очекувањата од граѓаните и на 5-ти јуни да имаме кристално чисти, фер и демократски избори“, смета Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.
„Ние политичките партии сме формирани за да дадеме свој придонес во развојот на Република Македонија во обезбедување посветла иднина за идните генерации, истовремено да обезбедиме просперитет на стопанските субјекти. Секој оној кој не сака да ја види, слушне и почувствува волјата на граѓаните на 5-ти јуни значи дека работи спротивно на интересите на кои е формиран“, вели Стефчо Јакимовски, претседател на ГРОМ.
Партиите од коалицијата „За подобра Македонија“ и на овие избори со заеднички настап. Програмата се финализира. Ќе биде промовирана за неколку дена.
Наташа Гркова- Петрушевска
