Повеќе се продаваат станови, помалку куќи и деловен простор

13.04.2016 14:29

Агенцијата за катастар го објави првиот шестмесечен извештај од Регистарот на цени и закупнини на недвижности и склучи договор за користење негови податоци преку интернет- сервис. Од Агенцијата велат дека најголемиот број недвижности што се продадени се станови, а помалку се куќи и деловен простор...

На пазарот на недвижности најмногу се продаваат становите, додека побарувачката за куќи и деловен простор е помала. Податоците од првиот шестмесечен извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар, покажуваат дека 55 насто  од трансакциите со недвижности се однесуваат на продажба, а 34 насто на закуп на недвижен имот. Од Катастарот велат дека на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 5.641 продажба од кои 4.914 се за стари недвижности, а 527 се продажби на нов имот.

„Дури 41% од продажбите во овој период се продажба на станови односно 2.166 станови од кои 700 се новоградби. Голем дел од пазарот зазема и земјоделското земјиште, односно 39% или 2.068 продажби на ниви, овоштарници, лозја и останато земјоделско земјиште“, изајви директорот на Агенцијата за катастар, Славчо Трпевски.

Агенцијата за катастар на недвижности го потпиша и првиот договор за користење на нивниот интернет- сервис со регистар на цени и закупнини со компанијата „Нолеџ центар“.

„Масовната примена на порталот ќе придонесе за зголемена транспарентност на пазарот на недвижности и балансирање на цените, а на продавачите и на купувачите ќе им овозможи да понудат реални цени на недвижноста“, вели Бранко Ѓуровиќ, претставник на компанијата.

Компанијата „Нолеџ центар“ работи и на имплементација на проектот „Аукциски тигар“ кој е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска