Дамјан победнички, за словенечки викенд од соништата во Јапонија
Словенечките ски-скокачи...

Словенечките ски-скокачи вечно ќе го паметат овој 26 јануари, бидејќи првпат во историјата на Светскиот Куп во овој спорт забележаа тројна победа. Дебитантскиот успех во кариерата го забележа Јернеј Дамјан, кој на вториот натпревар викендов во јапонски Сапоро триумфираше пред Петер Превц и Роберт Крањец.
Дамјан беше трет по првата серија со далечина од 138 метри, но потоа прескокна 134 во финалната, за бодовен збир којшто само за шест десетинки од бодот беше подобар од оној на Превц. По првиот скок од 124 метри, вчерашниот славеник Превц оствари дури 137,5 метри во вториот. Три позиции прескокна и Крањец, со должините од 126 и од 137 метри.
Во Јапонија не беа присутни дел од елитните натпреварувачи, кои го пропуштија далечното патување заради подобри подготовки за претстојните ЗОИ во Сочи. Словенците настапија со најдобрата селекција и затоа имаа викенд од соништата со фантастични резултати.
Превц од вчера е нов лидер во генералниот пласман за Светскиот куп. На десет натпревари до крајот на сезонава, на врвот тој сега има 812 бода. Зад него се Полјакот Камил Штох со 721 и Австриецот Грегор Шлиренцауер со 670 бода.
