Брисел: Договорот од Пржино мора целосно да се почитува
По одлуката на Иванов, средба на тројката европратеници Вајгл, Ховит и Кукан со еврокомесарот Хан. По средбата- упатена загриженост за настаните во земјата. Испратен повик до сите политички партии да работат во интерес на граѓаните и да се вратат на обврските од договорот во Пржино...

Длабока загриженост за развојот на настаните во дравата и повик до сите релевантни политички партии да работат заедно во интерес на народот и да се посветат на исполнување на сите одредби од договорот од Пржино, како единствен начин за надминување на кризата- е наведено во заедничката изјава на комесарот за проширување Јоханес Хан и европратениците Вајгел, Кукан и Ховит, по итниот состанок утринава во Брисел, поради одлуката на претседателот Иванов за колективна аболиција и прекинување на сите судски политички спорови.
„Договорот мора да се почитува во целост, вклучувајќи ги и одредбите кои се однесуваат на заштита и зајакнување на владеење на правото и обезбедување на веродостојни предвремени парламентарни избори. Ние веруваме дека декларацијата на председателот Иванов за општо простување на сите осомничени во скандалот со прислушувањето, може само да го подкопа владеењето на правото и да го зголеми чувството за неказнување меѓу оние кои се под истрага од страна на Специјалното јавно обвинителство. Ние сме загрижени дека овие нови случувања претставуваат дополнителен сериозен ризик за стабилноста на земјата и нејзината евроатланска перспектива“ - е нотирано во заедничката изјава.
Со речиси идентичен став е и Европската комисија. Воспоставување на дијалог, подготовка на земјата за избори и поддршка на Специјалното јавно обвинителство е препораката на неформалната влада на ЕУ.
„Поранесната Југословенска Република Македонија се обврза во промовирање на владеење на правтото. И без разлика на вчерашната одлука на претседателот Иванов за аболицирање на политичките преставници, која предизвика сериозна загриженост, особено што доаѓа во период кога сите политички партии се обидуваат да го зачуваат Пржинскиот договор. Ги повикуваме сите вмешани страни да се воздржат од инволвирање и подкопување на неколку годишните напори на земјата и меѓународната заедница да го зајакне владеењето на правото. Важно е да се поддржи работата на СЈО изгалсано во Парламентот како дел од Пржинскиот договор, да работи врз сериозните индикации изнесени минатата година. Важно е да се подготви државата за кредибилни избори и да се задржи евроатланскиот пат. Есенцијално е сите партии да се вратат на дијалог и да најдат заеднички јазик кој ќе и служи на земјата.
Европската комисија во периодов ќе продолжи одблизу ја следи ситуацијата и останува во постојан контакт со релевантните политички субјекти во земјата.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
