Илегалната миграција е безбедносна закана за Европа
Во Сирија има околу 5 милиони внатрешно раселени лица и 4 милиони бегалци. На африканскиот континент, околу 20 милиони бегалци постојано ги преминуваат границите на државите, а нивната цел е Европа. Илегалната миграција е безбедносна закана за Европа, заклучија учесниците на трибината во Вашингтон...

Во Европа ќе има поголем број на бегалци оваа година, бидејќи нивниот број е за 80 проценти поголем од лани и се очекува мажите на коишто им е доделен бегалски статус во европските земји да ги донесат своите семејства од Сирија, предупреди унгарската амбасадорка во Вашингтон.
„Во моментов сме во развој на настани што ќе продолжат оваа година. Во изминативе 12 месеца во случајот на Унгарија, 80 проценти од мигрантите беа млади мажи коишто имаат семејства. Па ако го додадеме нивното легитимно право да бидат обединети со семејствата, дури и ако мигранскиот бран запре, сепак ќе треба да ги примиме и семејствата на мигрантите коишто веќе се наоѓаат на континентот“, изјави Река Шермеркинжи, амбасадор на Република Унгарија во САД.
„Мигранскиот притисок ја доведе Европската Унија до првата поголема егзентицијална криза. Ова е да се биде или не за Европа“, вели Јосип Паро, амбасадор на Република Хрватска во САД.
Освен бегалците од Сирија, регистрирани се мигранти од 58 држави, коишто од економски причини пристигаат во Европа. Меѓу бегалците има и терористи.
„Се разбира не сите бегалци се терористи, но недостигот на контрола и на размена на разузнавачки информации дополнително и слободното движење на илјадници луѓе низ Европа, овозможи и пристигање на терористи. Некои веќе се наоѓаат во Европа и чекаат шанса да дојдат до нивните одредишта. Нивниот број е од неколку стотици до неколку илјади коишто веќе биле дел од активностите на Блискиот Исток борејќи се на страната на ИДИЛ, се вратиле во родните земји и чекаат шанса“, изјави Васко Наумовски, амбасадор на Република Македонија во САД.
„Европската криза со мигрантите е дефинитивно и наш проблем и на регионот. Свесни сме дека овој бран на бегалци, мигранти или наречете ги како сакате, население што бега од зоните на конфликт, дека меѓу нив има и луѓе коишто не сакаат само да избегаат, туку да дојдат и останат во Европа. Европа, ЕУ и идните членки се соочуваат со сосема поинаков проблем од претходно“, изајви Срѓан Дармановиќ, амбасадор на Црна Гора во САД.
Со прифаќањето на мигрантите во Европа не се решава бегалската криза, туку со смирување на ситуацијата во Сирија, оценуваат европските амбасадори. Европа не може да ги прифати сите бегалци. Затоа е договорена засилена контрола на границите и контролирано прифаќање на бегалците. Бегалската криза не е само европски проблем туку глобален вклучувајќи и на САД.
Официјален Вашингтон очекува поголемо учество на европските сојузниц во борбата против Исламската држава и други фундаменталисти.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
