Осуда за насилството врз медиумските работници
Најавуваат дека ќе ги испитаат можностите да поднесат кривична пријава против непознат сторител од Единицата за брзи интервенции и пријава до внатрешната контрола на МВР...

Новинари и медиумски работници на Македонија со реакција по синоќешните протести во кои беа повредени новинар и фоторепортер.
„Во ситуација кога десетици напади врз новинарски екипи не се расветлени, а сторителите не се пронајдени, синоќешните настани уште еднаш потврдија дека новинарството во оваа земја има третман на непријателска дејност и дека новинарите, снимателите и фоторепортерите се лесна мета на насилници независно дали се тие во униформа или не“ – велат од надлежниот синдикат.
Најавуваат дека ќе ги испитаат можностите да поднесат кривична пријава против непознат сторител од Единицата за брзи интервенции и пријава до внатрешната контрола на МВР.
Реакција и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Осудено е насилството врз новинарите, бидејќи тоа претставува напад врз слободата на медиумите.
Агенцијата ги повикува сите инволвирани да ги остават медиумските работници непречено да си ја извршуваат својата работа, а медиумите да ги почитуваат новинарските принципи и стандарди при известувањето.
