ДОМ се приклучи на Платформата за демократска Македонија

14.04.2016 14:49

Заев и Поповска ги повикуваат граѓанските организации, интелектуалците и здруженијата да им се приклучат во борбата, за како што велат, враќање на демократијата и слободата во земјава...

Одлуката за аболиција на претседателот на Иванов е незаконска и треба да се поништи – смета лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Уште еднаш побара Парламентот да расправа за утврдување одговорност на шефот на државава. Апелираше протестите да се мирни и достоинствени, и како што рече, да траат до создавањето минимални услови за одржување фер и демократски избори.

„Јас јавно ја отфрлив аболицијата, не ја посакував, ниту ја прифаќам, и формално кога ќе стигне актот не го прифаќам и одам на судење и ќе се појавувам на судските рочишта. Оваа одлука го судри нашиот народ. Одлуката треба да се повлече, да се поништи и сите да направиме се што можеме да ја спречиме“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Со ист став и претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, која и се приклучи на Платформата за демократска Македонија.

„За нас е особено важно во сите настапи на демократските сили да се постапува принципиелно, одмерено и умерено, и да се учествува на мирен начин на протестите. Особено е важно да се намали поделбата во граѓанското ткиво“, вели Лилјана Поповска, претседателка на ДОМ.

Заев и Поповска ги повикуваат граѓанските организации, интелектуалците и здруженијата да им се приклучат во борбата, за како што велат, враќање на демократијата и слободата во земјава.

 

Игор Панов