Политичката криза влијае на бизнисот, малите и срените фирми најмногу страдаат

14.04.2016 15:47

Поради политичката криза во земјава најмногу се погодени малите и средните фирми, а отежнато функционираат и државните институции, смета бизнис- заедницата од Стопанската комора на Северозападна Македонија...

Поради политичката криза во земјава најмногу се погодени малите и средните фирми, а отежнато функционираат и државните институции, смета бизнис- заедницата од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Странските компании реагираат внимателно и ги пролонгираат најавените договори, велат бизнисмените. Затоа се бара политичарите да имаат сериозен пристап, да бидат одговорни при носењето одлуки и да не го гледаат личниот, туку пред се интересот на државата.

„Во овој случај имаме ситуација каде што сите овие одлуки и договори паѓаат во вода и целата ситуација почнува од нула.Тешко е да се каже кој е виновен,меѓутоа мислиме дека сите треба да се одговорни и сериозно да раазмислуваат за иднината на државата. Затоа што без политички стабилна состојба тешко е да се води бизнис и тешко е да се има некоја перспектива за иднината на државата“, изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Компаниите велат дека предолго се чека на добивање разни одобренија и побараа  разрешување на политичката криза, за да можат институциите нормално да функционираат. Странските партнери избегнуваат земји со политички превирања,велат од Комората, и доколку не се реагира ефикасно е неизбежна економска стагнација.

„Во делот на странските пазари, странските партнери стравуваат да се впуштат во аранжмани во земји каде што има политички турбуленции. Едноставно во институциите веќе се појавува волунтаризам, затоа што системот не функционира“, вели Џемали Даути, Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Од Комората апелираат до претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција и враќање на начелото на владеење на правото, затоа што во спротивно се прави преседан со кој се рушат демократските принципи во земјава.

 

Свето Николовски