Груевски: Нема да дозволам украинско сценарио
„Секој што направил криминал треба да одговара. Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновен и не сакавме прекин на постапките за кои Иванов донесе одлука, со која не се согласуваме“ - вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски. Смета дека опозицијата свесно организира протести за да ги избегне изборите...

Изминатите два дена гледаме агресија, насилство, вандализам и нескриена намера за продлабочување на кризата во Македонија од претседателот на СДСМ, обвини лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Груевски. Заев во јавноста, ладнокрвно повикува на конструктивност, а од друга страна споменува украинско сценарио, вели Груевски, според кого тоа е со единствена цел, Заев да дојде до власт без поддршка од мнозинството граѓани. Ја повика опозицијата да излезе на избори.
„Додека стојам нема да ти го дозволам тоа. Ни јас, ни народот! И самиот си свесен дека народот сака да заврши кризата. Престани да ги организираш хулиганите да го реметат мирот на граѓаните. Собери еднаш храброст и излези да се соочиш со народот на избори. На фер и демократски избори. Доста бараш изговори“, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата се оградува од одлуката на Иванов, бидејќи била спротивна на нивните заложби и му помага на СДСМ. Тој што направил криминал треба да одговара. Никој во ВМРО- ДПМНЕ не се чуствува виновен дециден е Груевски, обвинувајќи дека СЈО работи во корист на СДСМ. Според Груевски истрагите и кривичните пријави поднесени против функционерите на ВМРО низ правна постапка ќе ја покажеле вистината. Жали што одлуката на Иванов значи ослободување на Заев и Верушевски.
„Толку многу е јасно и видливо што Заев правеше, така што се им е јасно на луѓето. Против Заев имаше и процес за случајот Пуч. Исто како и против Зоран Верушевски, со цврсти и легално прибавени докази. Колку и да бегаа од судот, колку и да сметаа на подршката на СЈО, доказите за овој случај, за прислушкувањето со помош на агентите на Верушевски, кои континуирано со години организирано вршеле прислушкување и урнисување на државата, беа непобитни“, рече Груевски.
Наш интерес е земјата да оди напред, демократијата да функционира, а одлуките на слободни и фер избори да ги носат граѓаните рече Груевски.
Викторија Милевска
