Дурент може и сам !
Неверојатниот Кевин Дурент сам ја носи Оклахома...

Неверојатниот Кевин Дурент сам ја носи Оклахома кон најдобрата позиција во пресрет на НБА плеј - офот. Откако го прескокна дуелот со Бостон, Дурент во победата на „Тандерс“ на гостувањето кај Филаделфија од 103:91 вгради трипл - дабл од 32 поена, 14 скока и 10 асистенции. На десет натпревари во серија, Дурент постигнува по минумум 30 коша што не е остварено во лигата во последната деценија. Во отсуство на Расел Вестбрук, од помош на Дурент му беше Серж Ибака со 35 поени, 11 скока и 5 блокади. Со седмиот триумф во низа, Оклахома е лидер на „Западот“ со победа и пораз повеќе од Индијана којашто благодарение на минимално подбриот процент е со најдобар ефект во НБА.
Деветтиот пораз во сезоната „Пејсерс“ го доживеаја кај Денвер. 109:96 во креација на Вилсон Чендлер и неговите 25 коша, 6 скока и 3 асистенции.
Блескаво издание имаше Теренс Рос кој со 51 поен го израмни личниот рекорд, но Торонто загуби дома од Клиперс со 126:118. Џамаил Крафорд реализираше 37 поени и 11 аситенции, Блејк Грифин 30 коша и 5 скока.
Мемфис беше подобар од Хјустон со 99:81 затоа што седум кошаркари имаа доцифрен поентерски ефект. Меѓу нив и Зек Рендолф со 15 поени и 17 скока што е негов 189-ти дабл – дабл откако во 2009-та го облече дресот на „Гризлис“.
На гости славеа Чикаго против Шарлот со 89:87 со 28-те поени на Ди Џеј Огустин, како и Атланта којашто и без Ал Крофорд и Перо Антиќ беше подобра од Милвоки со 112:87. Пол Мислап уфрли 20 коша. Кајл Корвер ја продолжи серијата и НБА рекордот на 112 меча со постигната барем една тројка.
Предноста на домашниот паркет во триумфи ја претворија Портланд против Минесота со 115:104 благодарение на ЛаМаркус Олдриџ кој постигна 21 поен, како и Јута којашто со 104:101 беше поуспешна од Вашингтон. Играч на мечот со 24 поени беше резервистот Енес Кантер.
Резултати:
Шарлот – Чикаго 87:89
Торонто – Клиперс 118:126
Филаделфија – Оклахома 91:103
Мемфис – Хјустон 99:81
Милвоки – Атланта 87:112
Денвер – Индијана 109:96
Јута – Вашингтон 104:101
Портланд – Минесота 115:104
