СЈО отвори нов случај „Транспортер“, ќе истражува од каде му се податоците на Иванов за помилувањето

14.04.2016 16:49

Специјалното јавно обвинителство отвори нов случај „Транспортер“, за корупција на превоз на ученици во Битола. Тимот на јанева ќе истражува од каде му се податоците на шефот на државата за помилувањето...

Специјалното јавно обвинителство ќе истражува од каде ги добил претседателот Иванов информациите за одлуките за помилување актуелни и поранешни функционери од власта и од опозицијата и нивни подржувачи. Велат дека дел од предметите се во предистражна постапка, и со доверливи податоци.

„Откако ќе завршиме со анализата и ќе собереме доволно докази за тоа од каде доаѓаат и од чија страна се објавени вакви доверливи информации и доколку утврдиме дека вакви доверливи информации се објавени, ќе преземеме соодветни активности, тие лица да сносат соодветна одговорност“, рече изјави обвинителката Ленче Ристовска.

Обвинителите од СЈО опфатени со одлуките не го прифаќаат помилувањето. Велат им штетело на угледот. Специјалната обвинителка Јанева посочи дека без разлика дали лицата се аболицирани или не, според законот, имотот им се конфискува.

„Ова значи дека и во случај на аболиција на сторители на кривични дела и постоење на правна пречка за водење на кривичната постапка, законска обврска на ова јавно обвинителство е да се обезбедат докази за прибавената корист, која согласно со законот мора да биде конфискувана“, рече специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Специјалното обвинителство отвори нов случај, „Транспортер“ за злоупотреба при транспорт на ученици во Битола. Осомничени се градоначалникот на Битола, претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, директори на основни и средни училишта. 22-ца се осомничени, притвор се бара за 11 лица.

„До судот ќе бидат поднесени предлози за изрекување на мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица, кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана на располагање со истиот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање за 3 стана, 8 патнички моторни возила  и 33 автобуси. Секако таквите мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на Општина Битола бидејќи помилувањето како акт на милостина од претседателот, во овој случај само спрема градоначалникот, не ја опфаќа ниту имотната корист од кривичното дело, ниту штетата која е должен да ја надомести“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

СЈО уште еднаш апелираше до граѓаните да достават докази за случаите кои ги водат. 

 

Наташа Гркова- Петрушевска