Иванов: Одлуката е поради државни интереси

14.04.2016 17:04

„Во моите одлуки секогаш сум се водел од државните интереси. Рез мораше да се направи и јас ја презедов таа одговорност“- Иванов ја образложи својата одлука. Одговараше на прашања на главните уредници на телевизиите. Порача- за излез од политичката криза, потребни се фер и демократски избори...

Главниот мотив за мојата одлука беше одржување слободни фер и демократски избори. Јас ги подржувам договорот од Пржино и Специјалното јавно обвинителство кое по изборите може да ја продолжи својата работа, изјави претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто со неколку уредници на  национални телевизии.

При неговата одлука се раководел од државните интереси и барање излез од  политичката криза, појаснува шефот на државата. Некои политичари, обелодени Иванов, бараа гаранции за продолжување на дијалогот. Мене, рече тој, државата ми е пред сѐ.

„Заев, во мај минатата година, кога не сакаше да учествува на лидерските средби зашто имаше обвиненија и никој не може да му гарантира дека нема да биде уапсен во секое време, бараше гаранции, за да може да учествува на лидерски средби, дека нема да биде уапсен“, рече Иванов.

Ја имаме подршката од НАТО, ЕУ и од САД. Од сите што ни посакуваат добро, потенцираше Иванов, нагласувајќи дека меѓународниот фактор се обидува да влијае на одредени внатрешни процеси.

„Се шета по судови- тоа не е влијание на судство? Се диктира по телефон што да се работи- тоа не е притисок? Или притисокот важи само за домашната јавност, а не меѓународната. Некои од амбасадорите ги пречекорија сите овластувања кои постојат во Виенската конвенција за дипломатија. Не сакаме ние да влегуваме во конфликт со тие земји од каде што доаѓаат, но јас има кажав- да внимаваат тоа што го работат да не биде погрешно сфатено“, нагласи претседателот Иванов.

Претседателот а државата им се извини на сите кои поради неговата одлука се чувствуваат незадоволни, но тоа, нагласи Иванов го сторил, пред сѐ поради државнички цели. Сите што сметаат дека донесол погрешна одлука, вели дека може да ги искористат демократските инструменти и слободно да преземат се што дозволува Уставот.

Иванов рече дека има кабинет за помилување и начин да дојде до сите информации во државата.

 

Миле Ристески